Денес во нашето училиште се одржа Отворен ден за професионален развој, на кој присуствуваа наставници, претставници од стручна служба и директори од повеќе училишта. Целта на оваа иницијатива е да создадеме простор за размена на искуства, идеи и добри практики.
И оваа година изразуваме огромна благодарност до колегите од училиштата: ООУ"Наум Наумовски Борче", ООУ "Гоце Делчев" -Илинден, ООУ "Крум Тошев"-Трубарево, ООУ "Кочо Рацин"- Петровец, ООУ "Ристо Крле"- Кадино, ООУ "Крсте Мисирков", ООУ„ Братство Единство“, Коњари и ЈОУДГ "Гоце Делчев"-Илинден, за нивното присуство, интерес и поддршка на оваа иницијатива.
Во рамките на Отворениот ден, присутните имаа можност активно да учествуваат во две работилници:
Escape Classroom: Образовна игра со загатки и предизвици - работилница посветена на можностите за примена на елементите на играта и предизвиците во наставата, со цел поттикнување на мотивација, креативност и активно учење.
Превенција од врсничко насилство и развој на емпатија- работилница насочена кон градење позитивна училишна клима, развивање на емпатија и негување на меѓусебно почитување и разбирање.
Работилниците ги реализираа Емилија Стојановска, наставник-ментор, Марија Митрева, предметен наставник по англиски јазик и Габриела Младеновска, одделенски наставник.
Им благодариме на сите присутни за активното учество, отвореноста за нови идеи и подготвеноста да ги споделат своите искуства. Особена благодарност до сите кои ја препознаваат вредноста на ваквите средби и континуирано ја поддржуваат оваа иницијатива.
Веруваме дека професионалниот развој не завршува со една обука или работилница. Тој се случува секогаш кога сме подготвени да учиме едни од други, да ги преиспитуваме сопствените практики и да ги споделување знаењата.
Затоа продолжуваме да создаваме можности за поврзување, соработка и заеднички раст, бидејќи подобро образование градиме заедно!