Од ученик во нашето училиште до доктор

Од ученик во нашето училиште до доктор – пример дека со знаење, труд и посветеност се остваруваат соништата! ❤️
На покана на одделенскиот наставник Милена Сарафимовска, учениците од III одделение при ПООУ „Браќа Миладиновци“, с. Текија, со особено задоволство го пречекаа д-р Благојче Ивковски, доктор по општа медицина, кој беше наш гостин на часот по природни науки, во рамките на темата „Унапредување на здравјето“.
Преку непосреден разговор и на еден опуштен, интересен и забавен начин, учениците се запознаа со работата на лекарот, медицинските инструменти и нивната примена. Докторот им покажа дел од инструментите, изврши кратки прегледи, а заедно разговараа за грижата за сопственото здравје, здравите животни навики, најчестите заболувања кај децата, заразните болести и начините на заштита. Учениците со љубопитност поставуваа прашања и добиваа корисни совети за секојдневна грижа за своето здравје.
Посебна радост и гордост претставува фактот што д-р Благојче Ивковски некогаш бил ученик токму во нашето училиште, а денес се враќа во него во улога на доктор, пренесувајќи им знаење и корисни искуства на најмладите ученици. Тоа е уште еден прекрасен потсетник дека нашето училиште создава успешни генерации и дека меѓу нашите поранешни ученици има личности со кои со право се гордееме.
🌟Голема благодарност до д-р Благојче Ивковски за прифатената покана, издвоеното време, несебичното споделување на знаењата и прекрасното дружење со нашите ученици!

Галерија