Соработка и визија за подобра училишна средина

Со особено задоволство споделуваме дека на 20.05.2026 година имавме можност да се сретнеме со претставниците на Детска фондација Песталоци – Ана Чорбеска – Таневска, национална претставничка за ДФП во Северна Македонија, Драгана Урумовска, соработничка за образование за ДФП во Северна Македонија и Аргине Нахапетјан, програмска директорка за Југоисточна Европа во ДФП Швајцарија.
Во текот на средбата имавме можност да разговараме за впечатоците, искуствата и предизвиците со кои се соочивме за време на имплементацијата на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“. Со оглед на тоа што ова е третата година од спроведувањето на проектот, особено ни е драго што можевме да ги споделиме нашите согледувања и искуства и барем малку да придонесеме во планирањето на следната фаза од истиот.
Ја цениме довербата што ни беше укажана и ни претставува особено задоволство што имавме можност да се сретнеме со исклучителни личности кои посветено работат училиштата да бидат безбедна, поттикнувачка и среќна средина за сите ученици. Веруваме дека токму преку ваквите иницијативи се создаваат генерации на одговорни, самоуверени и емпатични млади луѓе подготвени активно да придонесуваат во општеството.
Благодарни сме за поддршката, соработката и заедничката визија за подобро образование и побезбедни училишта за секое дете.