Во периодот од 13.5-15.5.2026 година беше реализирана научно-истражувачка екскурзија со учениците од IX одделение со цел проширување на знаењата од областа на историјата, културата, традицијата, географијата и природните убавини на нашата земја.
Учениците имаа можност непосредно да се запознаат со значајни културно-историски знаменитости и природни локалитети.
Првиот ден беше посетено селото Вруток, познато по изворот на реката Вардар. Потоа следуваше посета на манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски, каде учениците се запознаа со богатото духовно и културно наследство. Беше посетен и манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица. Во текот на денот учениците ги посетија и Вевчанските извори, како едно од најубавите природни богатства, а во Струга го разгледаа Мостот на поезијата и се запознаа со значењето на Струшките вечери на поезијата.
Вториот ден беше посветен на знаменитостите во Охрид. Учениците го посетија манастирскиот комплекс „Св. Наум“, Билјанините извори и музејскиот комплекс „Заливот на коските“, каде се запознаа со праисторискиот начин на живеење. Беа посетени и Плаошник и манастирот „Св. Климент Охридски“, како и црквата „Св. Јован Богослов“ – Канео, една од најпрепознатливите знаменитости на Охрид. Во рамки на прошетката низ стариот дел на градот беа разгледани и Самуиловата тврдина и Античкиот амфитеатар.
Третиот ден учениците ја посетија Битола, каде имаа можност да се запознаат со археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис и неговото историско значење. Прошетката продолжи низ Широк Сокак, каде учениците ја почувствуваа културната и архитектонската атмосфера на градот.
Екскурзијата помина во одлична атмосфера, со активно учество и заинтересираност од страна на учениците. Преку ова патување тие стекнаа нови знаења, развија љубов кон културното и природното богатство на Македонија и создадоа убави спомени и дружења.