Ученици и наставници од нашето училиште реализираа тридневна посета на збратименото училиште ООУ „Ѓура Јакшиќ“ во градот Чуприја, Република Србија. Главната цел на посетата беше продлабочување на пријателството, дружење и размена на искуства меѓу учениците и наставниците од двете училишта.
По пристигнувањето, бевме срдечно пречекани од домаќините, по што следуваше посета на Општина Чуприја. Таму бевме пречекани од претседателката на општината, Јелена Ќулинац, со која остваривме кратка средба и се запознавме со карактеристиките на нивната општина, како и на нашата Општина Илинден. Во таа пригода беа разменети симболични подароци, а директорот Дарко Претковски даде интервју за локална телевизија.
Првиот ден беше исполнет со спортски активности, при што се одржаа натпревари во футсал (машки и женски екипи), а потоа следуваше разгледување на градот и дружење со учениците од Чуприја.
Вториот ден се реализираше организирана посета на манастирот Раваница, каде што учениците и наставниците се запознаа со богатата историја и духовното значење на овој прекрасен манастир. По враќањето, се одржаа спортски натпревари во кошарка (машки) и одбојка (женски). Во текот на денот беше организирана и пригодна приредба, на која беа презентирани фолклорни настапи, играорна група и карате клубот на училиштето. Дружењето продолжи во пријатна атмосфера, при што родителите и бабите на учениците подготвија рачно изработени предмети за спомен, како и традиционални колачи подготвени по стари рецепти.
Третиот ден беше посветен на наставни активности. Учениците и наставниците присуствуваа на часови во училиштето „Ѓура Јакшиќ“, каде што се реализираше интегриран час по географија и англиски јазик со бројни интерактивни активности, како и час по српски јазик. Учениците работеа во мешани тимови, што придонесе за уште подобра соработка и меѓусебно запознавање. По наставните активности, беше реализирана посета на музејот во Чуприја, каде што се запознавме со историјата на градот и регионот. Воедно, присуствувавме и на патрониот празник на локалната гимназија, каде што уживавме во приредбата и дружењето со учениците и наставниците.
Посетата заврши во попладневните часови, кога исполнети со убави впечатоци и нови пријателства, се упативме кон дома.