Отворен ден за професионален развој

Трета година по ред во нашето училиште се одржа Отворен ден за професионален развој. Оваа година темата беше „ВИ алатки за современиот наставник“, инспирирајќи ја улогата на наставникот како креатор на знаење во еден динамичен и современ свет.
На обуката учествуваа наставници претставници од ООУ „Гоце Делчев“ – Илинден, ООУ „Ристо Крле“ – Кадино, ООУ „Кочо Рацин“ – Петровец, ООУ „Братство-Единство“ – Коњари и ООУ „Крум Тошев“ – Трубарево. Слушателите се запознаа со алатки поддржани од вештачка интелигенција кои можат да ја олеснат секојдневната работа, а воедно да понудат и нови начини за одговарање на различните потреби на учениците.
Особено задоволство ни претставуваше присуството на нашите пријатели од Република Србија – наставници од ОУ „Ѓура Јакшиќ“ од Чуприја. Оваа нова соработка претставува мост на пријателство и можност за создавање заеднички иницијативи што ќе нè збогатат сите нас.
Со голема благодарност до сите учесници, ја истакнуваме важноста на заедничката работа, размената на идеи и меѓусебната поддршка. Токму низ соработката и споделувањето искуства растеме заедно – како наставници, како училишта и како заедница која верува во силата на образованието.
Обуката ја одржа предметниот наставник и наставник-ментор Емилија Стојановска.

Галерија