EmpowerED -дигитална алатка за самооценување на наставници и план за професионален развој

Во изминатите два дена, наставниците од одделенска и предметна настава, заедно со стручните соработници од нашето училиште, учествуваа на обука за изработка на Личен план за професионален развој во дигитална форма како дел од проектот „EmpowerED -дигитална алатка за самооценување на наставници и план за професионален развој“.
Особена гордост претставува фактот што нашето училиште е едно од само дваесетте на национално ниво кои имаат привилегија да учествуваат во пилотирањето на оваа современа алатка. Со нејзиното користење, наставниците добиваат можност полесно и поефикасно да го креираат својот план за професионален развој, кој притоа ќе биде целосно прилагоден на индивидуалните потреби и приоритети. Истовремено, тимот за професионален развој ќе може уредно, брзо и систематски да ги следи потребите на наставниот кадар, што ќе овозможи навремено препознавање на соодветни обуки и насоки за унапредување на наставната практика.
Да се биде дел од пилотирањето на ваков проект е од суштинско значење, бидејќи вистинските и квалитетни промени во образованието треба да потекнуваат токму од наставниците – оние кои секојдневно се во директен контакт со учениците и ја живеат оваа професија.
Изразуваме искрена благодарност до SmartUp - Social Innovation Lab, Фондацијата „Песталоци" Kinderdorf Pestalozzi, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, кои овозможија нашето училиште да биде дел од овој значаен процес. Се надеваме дека по завршувањето на пилотирањето, платформата ќе биде усовршена и препознаена како корисна алатка за секој просветен работник.
Обуката ја спроведе предметниот наставник и наставник-ментор Емилија Стојановска.

Галерија